
Заврши огласот за помош за струја: 878 ранливи домаќинства чекаат субвенција од 1000 денари месечно
Вкупно 878 барања пристигнале на јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија, наменет за ранливи категории на потрошувачи, соопшти денеска Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Огласот заврши на 30 август, а комисиите веќе ја започнаа обработката на пријавите.
Најголем број од апликациите, 296, се од домаќинства со лица со најтешка телесна попреченост. Следуваат домаќинствата со лица со тешка или длабока интелектуална попреченост со 227 барања, потоа со потполно слепи лица со 201 барање и домаќинства со потполно глуви лица со 154 барања.
Од Министерството информираат дека од следната недела обработените податоци ќе бидат доставени до надлежните институции, како Министерството за социјална политика, УЈП и ЕВН, за проверка на податоците. Потоа, комисиите ќе предложат решенија до министерката, а одобрените корисници ќе добиваат финансиска поддршка преку намалување на месечната сметка за струја во износ од 1000 денари месечно, во траење од 12 месеци.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека оваа мерка е јасна порака дека државата се грижи за најранливите. „Сакаме да обезбедиме сигурност и достоинство за ранливите категории потрошувачи и да им помогнеме да ги надминат предизвиците кои ги носи секојдневието. Финансиската поддршка за електричната енергија е конкретен чекор кон поголема социјална заштита и еднаков пристап до основни потреби“, изјави Божиновска.
Од Министерството напоменуваат дека правото на поддршка се губи доколку корисникот не плати две последователни сметки за електрична енергија.
Истовремено, потсетуваат дека сè уште е во тек јавниот оглас за субвенции за инвертер клима-уреди, кој исто така е наменет за ранливите потрошувачи. Рокот за аплицирање за оваа мерка е до крајот на септември, а сите информации се достапни на веб-страницата на Министерството.
