
Застаре уште едно кривично дело против поранешниот премиер Груевски
Судската постапка против поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Талир“ се соочи со нов пресврт поради застареност на дел од кривичните дела. Груевски од денеска повеќе не е обвинет за злоупотреба на службената положба, која се однесуваше на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, но прогонот за делот за перење пари продолжува, потврди обвинителката Ленче Ристоска.
Денеска до судот е доставено изменето обвинение, откако се утврди застареност на предикатното кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување, поради истекот на законските рокови и измените на Кривичниот законик од 2023 година. И покрај застарениот предикат, според законот и судската пракса, нема пречки за гонење на Груевски и неговиот соучесник Кирил Божиновски за перење пари.
Во исто време, Ристоска објави дека поднела тужба против ВМРО-ДПМНЕ и премиерот, повикувајќи се на партиско соопштение и јавни изјави кои, според неа, претставуваат притисок врз јавен обвинител. „Јас ги приземам сите институционални механизми кои ми се на располагање за да се заштити независноста на обвинителството“, изјави Ристоска.
Од владејачката партија реагираа со став дека обвинителката, која претходно била дел од СЈО, се дискредитира сама себе и дека поднесените тужби се обид за политичка манипулација. Партијата ја опиша како „рецидив на системот кој создаваше жртви и вршел прогон“.
Ристоска е главен обвинител во предметите за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, кои резултираа со замрзнување на имотот на партијата. Судскиот спор меѓу премиерот и Ристоска трае подолг период, вклучувајќи го и поништувањето на листата на кандидати за судија во Стразбур, во која се наоѓаше поранешната специјална јавна обвинителка.
