
Заскитани куршуми од семејни веселби повредија две лица во тетовско
Две лица се повредени во Полог од истрели од огнено оружје на семејни веселби од почетокот на оваа сезона. Едното лице кое е повредено е од тетовски Челопек, а другото во гостиварското село Чегране. Портпаролот на Секторот за внатрешни работи Тетово вели дека се работи за повредни од заскитани куршуми.
„Како што ја започнавме сезоната, немавме случаи. Во последните два случаи, едниот во Чегране, жена додека стоела во дворот од својата куќа била повредена од заскитан куршум, па припадниците на СВР Тетово привеле 13 лица како осомничени за огненото оружје, каде биле задржани во полициска станица и се работи на расветлување на случајот. Вториот случај е во тетовски Челопек, каде лице кое стоело во центарот на селото било повреден од заскитан куршум во главата и за среќа завршило со несериозни повреди.“, вели Фатмир Реџепи.
Реџепи апелира да се слави со срце, а не со оружје. Тој потсетува дека дури и огнометот е забранет доколку не е добиена дозвола однапред.
„Организиравме состаноци со менаџери и раководители на хотелски капацитети, како што се организаторите на семејни забави и свадби, известувајќи ги за правните импликации во случај да има пукање или незаконско организирање огномет во нивните хотелски капацитети.“, изјави Реџепи.
Пукањето со оружје е прекршување на Законот за нарушување на јавниот ред и мир, а казната за овој вид прекршок од член 31 се движи од 200 до 500 евра. Исто така, во зависност од последиците, пукањето може да биде кривично дело „предизвикување општа опасност“, за што е предвидена затворска казна од една до пет години.
ТВ21
