
Започна ревизијата за автопатот Кичево – Охрид
Министерството за транспорт и врски објави дека во тек е ревизија од Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и услогласеност како и ревизија за успешност на капиталните инвестиции за изградбата на автопатот Кичево – Охрид кој се гради повеќе од 10 години.
„Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта, преку Надзорниот орган ангажира експрест за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на договорот како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на проектот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид“, гласи коментарот на министерството во однос на најавите на премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби дека овој проект тѕреба да се ревидира и да се направи анализа дали да му се одзеде правото на кинески „Синохидро“ да го доизгради.
Ревизијата се прави поради тоа што рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември оваа година, а до тогаш Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта преку Владата треба да донесат одлука со најсоодветното решение за дореализација на овој проект.
„Дополнително, информираме дека појавени се единесет нови свлечишта на трасата и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експрети кои ќе дадат предлог проектански решенија и мислење за целокупниот проект.
Реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Република Северна Македонија, истиот е дел од Коридор 8 како главен европски коридор. Приоритет на Владата на Северна Македонија е завршување на овој проект и во таа насока ќе се преземат сите активности за негова реализација“, велат од министерството.
