
Загубите на електрична енергија лани не чинеле уште повеќе – 160 милиони евра
Ланското бесправно користење, односно загубите на електричната енергија, не чинеле неверојатни 157 милиони евра што сме ги платиле преку сметките за струја. Цехот во текот на 2022 бил уште поскап од 2021, и тоа под позитивна околност што лани ЕСМ Продажба одлучи за ЕВН Електродистрибуција да го покрие поголемиот дел од неовластеното користење на струја од потрошувачите со многу поевтина цена за надоместување на комерцијалните загуби во електродистрибутивната мрежа во однос на приватните снабдувачи.
ЕСМ мораше вонредно да се вклучува во покривањето на загубите од нерегуларното користење на струјата и 631.348 мегаватчасови му предал на ЕВН Електродистрибуција по просечна цена од 8.809 денари. Останатите 240.000 мегаватчасови биле превземени од приватни снабдувачи по просечни цени кои се многу повисоки – од 13.155 до 19.035 денари по мегаватчас, покажува извештајот на Регулаторната комисија за енергетика.

Загубите во електродистрибутивната мрежа на електрична енергија во 2021 ги чинеа граѓаните точно 100 милиони евра, а една од причините е и крадењето струја. Анализата покажува дека со години процентот на загубите на електрична енергија во мрежата, кои се должат на кражби на струја и неовластено користење, не може да се намали под 13 отсто иако редовно се прават планови како оваа појава да се редуцира.
„Електродистрибуција во континуитет презема мерки и активности за намалување на
загубите и тоа проекти за групни дислокации на мерните уреди, поединечни
дислокации на мерните уреди, промена на броила, имплементација на броила со
можност за далечинско отчитување и исклучување, зголемена техничка контрола на
мерните места, откривање на манипулирани броила и друго. Сепак загубите во
електродистрибутивната мрежа се големи па затоа Електродистрибуција треба и во
иднина да продолжи со мерките и активностите за намалување на процентот на
загубите со електрична енергија со цел да достигне приближен можен процент на
технички загуби преку максимално можно елиминирање на комерцијалните загуби
коишто претставуваат неовластено користење на електрична енергија“, нагласува Регулаторна комисија за енергетика.
Ако просечната цена што сме ја плаќале во 2022 за покривање на загубите била 11.000 денари, во 2021 таа била 6.600 денари, додека во 2020 овој трошок не чинел само 3.330 денари по мегаватчас. Тогаш сме платиле 47 милиони евра за загуби, а само две години подоцна – повеќе од тројно и тоа со интервенција на ЕСМ.
Од ЕВН Електродистрибуција со години нагласуваат дека неовластеното користење на електрична енергија се случува поради различни причини, а истото важи и за загубите. Како најголеми причинители може да се набројат: копањето крипто валути, кражбите на електрична енергија од страна на малите комерцијални објекти коишто имаат голема потрошувачка како и приватната потрошувачка, Зголемувањето на загубите е евидентно особено во скопскиот регион. Енергијата што се губи во суштина не се мери и не се знае кој е крајниот потрошувач.
Од регулаторот дополнително додаваат дека единствени решенија кои може да се донесат се одобрувања на дислокација на броила. Исто така, со цел да се намалат комерцијалните загуби во електродистрибутивната мрежа, кај објектите на потрошувачите се монтираат броила со можност за далечинско отчитување и исклучување.
А.К.
