
ЗАГРИЖЕНОСТ ВО АЛБАНИЈА: Меѓу мигрантите кои ќе ги приберат може да има и членови на ИСИС
Меѓу мигрантите што ќе ги прибира Албанија може да има и членови на ИСИС, предупредува експертoт за безбедност Ермир Ѓиниши.
Тој е загрижен поради потпишаниот договор меѓу Албанија и Италија, за изградба на прифатни центи за имигранти, затоа што „доаѓањето на имигрантите од Африка може да донесе со себе и опасни експоненти, како што се случи во други земји“.
„Не сме против соработка со партнери, но тоа треба да биде во рамки на капацитетите. Само оваа година во Лампедуза беа заробени 50 експоненти на ИСИС, кои беа инфилтрирани меѓу другите имигранти. Каде ќе одат? Тие ќе се шират низ светот. Запомнете дека имиграцијата е најдобрата камуфлажа за овие луѓе. Во овој дел воопшто не сме заштитени. Изјавите дека имаме полицајци кои ќе го чуваат кампот е празна приказна“, изјави Ѓиниши за euronews.al.
Тој кажа дека „Албанија е земја на трговија со луѓе“ и ја обвини власта дека ги „крие убиствата што ги извршиле Иранците во МЕК, каде што жртвите потоа биле фрлани во резервоари“.
Премиерот на Албанија, Еди Рама вчера изјави дека треба да помогне на Италија околу мигрантите.
Италија на албанска територија ќе гради два прифатни центри, еден во пристанишнот град Шенѓин и еден во Ѓадр, во кои годишно би се сместиле 36.000, или месечно по три илјади, додека чекаат одговор на барањата за азил во Италија.
Комесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеjи, на прашањето на италијанските европратеници во Комисијата за надворешни работи на ЕП за договорот за мигранти Италија-Албанија, одговорил дека го анализираат како случај бидејќи изгледа интересен модел.
Во близина на пристанишниот град Драч функцонира камп во кој се сместени над три илјади муџахедини. Првите членови на иранската опозиција, пристигнаа во Албанија во 2013 година, на крајот од вториот мандат на Сали Бериша како премиер на државата.
