
Забрана за употреба на вода за пиење во делови од Неготино
Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Неготино информира дека е воведена забрана за употреба на вода за пиење во делови од градот поради присуство на мирис и вкус од непознато потекло.
Според соопштението, забраната се однесува на корисниците на улиците: „Индустриска“, „Маршал Тито“, „29 Ноември“, „11 Октомври“, „Никола Петров“, „Манчо Малиминов“, „Душан Јуруков“, „Димче Мирчев“, „Гоце Делчев“, „Питу Гули“, „Васка Калајџиска“ и „Антигона“.
Од претпријатието наведуваат дека во соработка со Центарот за јавно здравје Велес и другите надлежни институции се земаат вонредни мостри за анализа, а екипи на терен работат на лоцирање и отстранување на можниот дефект.
Во апелот до граѓаните се потенцира да не ја користат водата за варење ракија и за ладење на вулите, бидејќи оставените црева во резервоарите може да создадат вакуум и да предизвикаат повлекување на вода во градската мрежа, со што дополнително би се загадила. За вакви прекршувања ќе следуваат санкции.
„Комуналец“ најави дека граѓаните ќе бидат навремено известени за секоја промена и додаде дека се преземаат сите мерки за што поскоро надминување на проблемот.
