
За Еди Рама договорот постигнат во Охрид е фактички признавање на Косово
Според албанскиот премиер Еди Рама, Охридскиот договор е фактички признавање на Косово. Тој за европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, рече дека е најдобар досега.
Рама изјави дека според европскиот предлог, двете страни можат да го добијат тоа што им припаѓа.
„Двете страни се многу блиску до војна и мирисот на крв уште е силен до тој степен што не можат да ги направат последните чекори. Ова е вистинскиот начин и `де факто` признавање на правото на Косово да живее и да одлучува самостојно“, рече Рама.
Албанскиот премиер објасни дека договореното мора да се спроведе затоа што Балканот е регион со многу замки.
Опозициската десница протестираше во неколку градови во Србија, противејќи се на планот на Европската унија за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово.
Двери, Заветници, Нова ДСС и Движењето за обнова на Кралството Србија сметаат дека планот на ЕУ значи признавање на независноста на Косово, поради што бараат оставка од српскиот претседател Александар Вучиќ и разрешување на Владата.
