
За два месеци издадени 90 глоби, 33 решенија за задолжување и 290 опомени – Ѓорѓиевски порача: Нема компромис со загадувачите
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска се обрати на вонредната седница на Советот на Град Скопје, посветена на загадувањето на амбиенталниот воздух и неговите причинители, истакнувајќи дека нема компромис со загадувачите и дека институциите преземаат конкретни и засилени мерки за заштита на здравјето на граѓаните. На седницата се дискутираше отворено и конструктивно, без политиканство, со јасна цел – проблемот со загадувањето да се решава преку конкретни акции, редовни инспекции и заедничка одговорност, а не само декларативно.
Во прилог објавата на социјални мрежи од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски:
Нема компромис со загадувачите – изречени се казни до 53.000 евра!
„Денеска се одржа вонредна седница на советот на градот Скопје, посветена на загадувањето на амбиенталниот воздух и неговите причинители.
Драго ми е што по долго време за овие прашања се дискутира искрено и без политиканство, со цел да се преземат конкретни активности, а не само да се ставаат проблемите под тепих.
Се согласувам со сите излагања на советниците.
Овој проблем бара посветеност, конкретни акции и заедничка одговорност.
Загадувањето не е проблем кој се решава преку ноќ, ниту е создаден од сегашниот систем, но сега е наша обврска да делуваме и да го направиме Скопје почист и поздрав за сите.
Во изминатиот период преземавме засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети, воведовме редовни и вонредни надзори, работиме на решавање на сообраќајот, изградба на нови зелени површини и зелени коридори, како и соодветен третман на депониите.
Само во периодот од 6 ноември до 1 јануари, издадени се 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени.
Инспекторите за животна средина извршија над 45 вонредни надзори на правни субјекти, како и на територијата на општина Сарај.
Изречени се глоби во висина од 1.000 до 53.000 евра.
Одговорни лица во правни субјекти се казнети со по 3.000 евра, додека десетици физички лица кои неправилно одлагаа отпад на јавни и приватни површини добија казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање на отпадот.
Инспекцијата за патен сообраќај и патишта изврши контроли на девет градилишта, од кои седум беа задолжени со решенија за времен режим на сообраќај, а две имаа позитивни записници.
На едното градилиште е изречен прекршочен платен налог од 3.000 евра за правно лице и 900 евра за одговорното лице.
