
ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ДЕМОКРАТИЈАТА И ТРАНСАТЛАНТСКИТЕ ОДНОСИ Мицкоски во Минхен се сретна со Тед Дојч

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, во рамки на својата посета на Минхен, оствари средба со Тед Дојч, извршен директор на Американскиот еврејски комитет, една од највлијателните организации која децении наназад работи на јакнење на демократските вредности и унапредување на трансатлантските односи.
На средбата, како што објави Мицкоски, биле разгледани прашања за продлабочување на соработката, заеднички иницијативи во насока на заштита на човековите права, унапредување на меѓурелигискиот дијалог и градење општество засновано на почит, толеранција и слобода.
– Нашата визија е јасна: силни партнерства, јасни вредности и сигурна иднина за нашите граѓани – изјави Мицкоски по средбата.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција. Според владината прес-служба, тој ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Премиерот е придружуван од министрите за одбрана, Владо Мисајловски, за надворешна политика и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и за внатрешни работи, Панче Тошковски.
.

