
„Зајакната контрола врз експлоатацијата на минералните суровини – Меморандум меѓу Министерството за енергетика и УЈП
Министерството за
енергетика, рударство и минерални суровини и Управата за јавни приходи (УЈП) потпишаа
Меморандум за соработка, кој има за цел да го унапреди процесот на инспекциски
контроли и надзор врз концесионерите што вршат експлоатација на минерални
суровини во Македонија.

Со овој документ,
двете институции ја зацврстуваат заедничката цел – да обезбедат транспарентно,
законско и ефикасно искористување на националните ресурси, со јасен фокус на
заштита на јавниот интерес и зголемување на економската одржливост.

Министерката за
енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, потенцираше дека
соработката со УЈП претставува чекор кон воспоставување подобар систем за
мониторинг и контрола на работењето на концесионерите.
„Нашата држава
располага со значајни минерални богатства, но одговорното и законско управување
со нив е од суштинско значење за економскиот раст и заштитата на природните
ресурси. Со овој меморандум ја комбинираме експертизата на Министерството и
капацитетите на УЈП за да ги зајакнеме инспекциските процеси и да осигуриме
дека секој кој користи национални ресурси го прави тоа законски и соодветно.“
изјави министерката Божиновска.
Директорката на
УЈП, м-р Елена Петрова, истакна дека оваа соработка ќе донесе ново ниво на
синергија меѓу двете институции, преку размена на информации, знаења и
практични алатки за инспекциска контрола.
„Со заедничка
работа ќе обезбедиме поголема ефикасност во следењето на приходите и обврските
на концесионерите, што ќе придонесе за зголемување на буџетските средства и
праведна распределба на ресурсите.“ рече Петрова.
Во рамки на
Меморандумот, предвидено е да се овозможи навремена и ефикасна меѓусебна
размена на податоци, координација и известувања во постапките за следење на
плаќањето на надоместоците за вршење на детални геолошки истражувања и за
концесија за експлоатација на минерални суровини, што ќе ја унапреди брзината и
точноста на контролите.
Министерството за
енергетика и УЈП остануваат посветени на заедничката визија за транспарентна и
праведна употреба на националните ресурси, со цел обезбедување економска
стабилност и долгорочна корист за граѓаните на Македонија.
