
За 40% поскапе паркирањето во катните гаражи на ПУИГ во Скопје
Поскапе паркирањето во трите катни гаражи во Скопје со кои стопанисува АД за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП/поранешен ПУИГ).
Тие објавија нов ценовник за користење на паркинг-услугите, со кој значително се зголемуваат трошоците за граѓаните и правните лица. Според истражувањето на 4NEWS.mk новите цени, месечниот надоместок за физички лица ќе изнесува 3.500 денари, наместо досегашните 2.500 денари, додека правните лица ќе плаќаат 4.000 денари месечно, наместо 3.000.
Годишниот надоместок исто така е зголемен – физичките лица од 25.000 на 35.000 денари, а правните лица од 30.000 на 40.000 денари.
Покрај тоа, непроменет останува надоместокот од 500 денари за издавање на паркинг-картичка, кој е на товар на корисникот, додека казната за изгубена картичка е зголемена од 1.000 на 1.500 денари.
Со овој ценовник, паркингот станува значително поскап.
