
Вулканот Шивелуч втор ден исфрла пепел
Вулканот Шивелуч на рускиот полуостров Камчатка веќе втор ден исфрла пепел.
Ерупцијата на еден од најактивните вулкани на Камчатка почна вчера, а вулканската пепел се прошири на 500 километри северозападно и покри неколку села.
Геофизичкиот истражувачки центар на Руската академија на науките соопшти дека ерупцијата продолжила и денеска и дека вулканот исфрла облаци од прашина до 10 километри височина.
Од почетокот на ерупцијата, оваа област е затворена за летови, а на жителите им се советува да останат во затворени простории.
Шивелуч има два дела – Стар Шивелуч со висина од 3.283 метри и помал, многу активен Млад Шивелуч.
Камчатка е лоцирана на 6.600 километри источно од Москва и има 160 вулкани, од кои околу 30 се активни.
