
„Време е да го донесеме Ким пред суд“
Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун би можел да се соочи со истрага за воени злосторства пред Меѓународниот кривичен суд (МКС) со седиште во Хаг, за поддршка на руската војна против Украина.
Ова го изјави поранешниот шеф на тој суд Сонг Санг Хјун.
Тој објасни дека постои можност украинските власти како жртва да поднесат тужба против Северна Кореја до Меѓународниот кривичен суд.
„Иако би било идеално Украина да го поднесе случајот, МКС исто така има овластување да започне независна истрага“, рече Сонг на меѓународната конференција во Сеул.
Тој рече дека случајот на Ким Џонг Ун сè уште не е упатен до МКС „и покрај кршењето на човековите права во Северна Кореја“, но дека сега „се исполнети правните стандарди за Украина да покрене постапка против него“.
„Време е да го донесеме Ким Џонг Ун пред МКС“, рече Сонг, додавајќи дека воената помош на Пјонгјанг за Русија и обезбедила на Украина правни стандарди да поднесе тужба против Северна Кореја, објави Јонхап.
Од крајот на минатата година, Северна Кореја распореди илјадници војници да се борат заедно со руските сили во војната, а Пјонгјанг и Москва официјално го потврдија распоредувањето на војниците минатиот месец.