
Вработените во Народниот правобранител алармираат: Собранието ја остави институцијата без лидер и средства за работа
По неколкуте апели до Собранието за избор на нов Народен правобранител, откако во јули се пензионираше Омбудсманот Насер Зибери, вработените во институцијата денеска се обратија до медиумите со барање Собранието да ја исполни својата уставна обврска.
„Ние, вработените во Народниот правобранител, како и двајцата преостанати заменици, сакаме да ја информираме јавноста за безизлезната состојба во која се наоѓа централната институција, која треба да го штити човековото достоинство, слободите и правата и да врши надзор над работењето на јавните институции“, велат од Народниот правобранител.
Вработените нагласуваат дека од 12 јули 2025 година Собранието не избра нов Народен правобранител, иако повеќепати било алармирано за критичната состојба. Поради тоа, институцијата не може да ја потпише завршната сметка, а вработените веќе три месеци се со доцнење на плати и кирија, при што доверителите се закануваат дека нема да толерираат понатамошно неплаќање.
Последното известување до Собранието било доставено на 11 декември, но до денес, 23 декември, не е примено ниту негативен одговор, ниту покана за учество на годишното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Вработените истакнуваат дека ако состојбата продолжи, од јануари 2026 година ќе престанат редовните уплати за социјално, здравствено и пензиско осигурување, со што се доведува во прашање функционирањето на институцијата.
На последниот брифинг со новинарите во Собранието, единствено спикерот Африм Гаши потсети дека стигнуваат алармантни дописи од Народниот правобранител, но дека партиите не најдоа за потреба да се договорат за кандидат и да изберат нов лидер на институцијата.
