
Вработените од „Флораком“ и „Луна“ повторно на протест – бараат плати и здравствено осигурување
Вработените во двете фирми-ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“ – „Флораком“ и „Луна“, денеска по четврти пат излегоа на протест, блокирајќи делници на булеварите „Илинден“ и „Партизански одреди“. Причина за нивното незадоволство е тоа што два месеци не им се исплатени платите, а немаат ниту здравствено осигурување.
Иако, според нив, Советот на Град Скопје одобрил 80 милиони денари, од раководството на „Паркови и зеленило“ велат дека немаат доволно средства за исплата. Вработените предупредуваат дека ако до понеделник не им бидат префрлени пари на сметките и не добијат здравствено осигурување, ќе поднесат кривични пријави и тужби против директорот и раководството на претпријатието, обвинувајќи ги дека со неизплатата е загрозено нивното здравје и егзистенција.
Дел од работниците во понеделник имале краток состанок со директорот, кој, според нив, им порачал дека нема пари и да се стрпат. Протестите ќе продолжат, а вработените најавуваат можен штрајк и повикување на солидарност, вклучувајќи ги и членовите на нивните семејства.
