
Вработените на УЈП на протест
Вработените во Управата за јавни приходи ќе одржат протест, на кој ќе го изразат своето незадоволство поради тоа што министерот за финансии Фатмир Бесими не дал согласност за потпишување на новиот Колективен договор кој предвидува зголемување на платите.
Протестот ќе се одржи денес со почеток во 11 часот пред зградата на Министерството за финансии. Од таму велат дека во последните 14 години нивните плати се зголемени само за 5 отсто, а во последните четири години воопшто немало зголемување.
„Од страна на претставници на Министерството за финансии беа дадени определени забелешки за наводни финансиски импликации по буџетот на Република Северна Македонија.
И покрај фактот што сметаме дека тоа не е така, дадовме согласност оспорените одредби од нивна страна да се избришат од содржината на договорот, со што се откажавме од определени права кои претходно сме ги договориле со работодавачот.
На завршните активности покрај други учесници свое учество земаа и директорот на Управата за јавни приходи и Министерот за финансии, при што се изготви содржина на колективниот договор прифатлива за сите.
Бидејќи до ден денес, од неразбирливи причини согласноста за потпишување на договорот сеуште не е добиена, а вработените во управата не можат да го остварат своето право на повисоки плати, решија да го одржат денешниот протест“, се вели во дел од соопштението на вработените на УЈП.
Од таму предупредуваат дека постои можност „да настанат непосакувани состојби“ како неисполнување на работни задачи и обврски на вработените при евентуално одржување на генерален штрак.
