
Вработени во Армијата и по 25 години се со договор на определено време
Вработени во Армијата и по повеќе од 25 години служба остануваат со договори на определено време, без можност нивниот работен однос да се трансформира во договор на неопределено време. Ова го утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по претставка поднесена од Независниот синдикат на професионални војници.
Синдикатот реагирал дека професионалните војници се единствената категорија во Армијата на која по завршување на повеќе последователни договори не ѝ се применува Законот за работни односи, кој овозможува премин во статус на неопределено вработување. Наместо тоа, Министерството за одбрана се повикува на Законот за служба во Армијата, кој предвидува договори на определено време до навршување на 45 години возраст.
Комисијата оцени дека ваквата состојба претставува индиректна дискриминација по основ на личен и општествен статус, бидејќи професионалните војници се ставени во нерамноправна положба во однос на другите вработени во Армијата.
Во мислењето, Комисијата препорачува Министерството за одбрана да преземе мерки за унапредување на правната сигурност и еднаков третман, со што ќе се овозможи професионалните војници да добијат договор на неопределено време, согласно Законот за работни односи.
