
Возел 158 км/ч каде што е дозволено 80, скопјанец заработи кривична пријава за безобѕирно возење
Педесет и двегодишен возач од Скопје вчера заработи кривична пријава за „безобѕирно управување со моторно возило“ откако бил фатен како вози со речиси двојно поголема брзина од дозволената на автопатот Тетово-Гостивар.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил вчераутро (1 септември) во 08:30 часот во близина на клучката кај тетовско Камењане.
Полициски службеници од сообраќајната полиција во Тетово со радарска контрола измериле дека патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ф.А. (52), се движело со брзина од 158 километри на час. Ова пречекорување е регистрирано на делница каде максимално дозволената брзина е ограничена на 80 километри на час.
Поради сериозноста на прекршокот, возачот веднаш бил лишен од слобода и задржан во полициска станица. Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава според членот 297-а од Кривичниот законик.