
Во стечај отиде „Битолски весник“, еден од најстарите весници во Македонија
Централниот регистар ја избриша од евиденцијата компанијата „МЕДИЈА ПРЕС ВМ ДООЕЛ увоз-извоз Битола“, издавач на весникот „Битолски весник“, откако Основниот суд во Битола донесе решение за отворање и заклучување на стечајната постапка.
Со одлука на судот од 12 јуни, констатирано е дека е завршена стечајната постапка со клаузула за правосилност над должникот. Како резултат на тоа, Централниот регистар денеска спроведе службена постапка за бришење на правното лице од регистарот на трговски друштва.
„Битолски весник“ беше еден од најстарите локални весници во Македонија и вистински симбол на новинарството во Битола. Основан во 1964 година, весникот со децении беше глас на битолчани и важен хроничар на сите значајни настани во градот и регионот. Се издаваше редовно речиси шест децении, а во своето постоење објави илјадници изданија со локални, национални и регионални вести.
Во последните години весникот се соочуваше со финансиски тешкотии и намален интерес за печатените медиуми, што доведе до престанок на неговото издавање. Според податоците на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), „Медија Прес“ веќе не фигурирала како активен печатен медиум во регистарот на печатени медиуми. И од февруари годинава весникот е избришан од Регистарот на печатени медиуми.
Со бришењето на фирмата-издавач од Централниот регистар се затвора една значајна страница во историјата на локалното новинарство во Битола.
Минатата година Битолски весник прослави 60 години од постоењето.
