
Во Прилеп почнуваат чествувањата за 24-годишнината од загинувањето на 10 бранители кај Карпалак
Попладнево во 18 часот во прилепската касарна „Мирче Ацев“ ќе почне одбележувањето на 24-годишнината од загинувањето на 10-те бранители.
На 8 август 2001 година, конвојот на АРМ беше нападнат кај месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово кога беа убиени 10 воени резервисти од прилепската касарна.
Десетмината прилепски бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски ја платија највисоката цена и ги положија своите животи за својата татковина за зачувување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет.
Бројни делегации, претставници на семејствата на загинатите ќе положат свежи цвеќиња и ќе им оддадат почит на загинатите пред спомен обележјето во касарната.
Централното чествување ќе биде утре од 13 часот пред споменикот Карпалак во центарот на Прилеп.
Вечер од 19 часот ќе биде посетено и спомен обележјето на загинатите бранители во селото Лениште, а во манастирот „Света Петка“ ќе се одржи вечерна богослужба.