
ВО ПРАВОСУДСТВОТО ЌЕ ДОЈДАТ ЛУЃЕ ШТО МОЖАТ ДА СЕ НОСАТ СО ФУНКЦИИТЕ Петрушевски очекува правдата да почне да се чувствува во Македонија

Преку стотина кривични пријави имаат поднесено институциите надлежни за прогон, од коишто над 40 се за висока корупција и за високото профилирани личности, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
– Ние дадовме шанса на овој државен јавен обвинител којшто е избран од СДСМ и од ДУИ, ние имавме 16 месеци јавен обвинител којшто не беше избран од владеачкото мнозинство и му дадовме шанса да работи. Нема еден граѓанин којшто ќе ви каже дека Јавното обвинителство добро работи. Обвинителите имаат доживотни мандати, уживаат имунитет, сè што треба државата им обезбедила, а она што се бара од нив тоа е да испорачаат неселективна правда – рече Бране Петрушевски во гостување на телевизија Алфа.
Петрушевски потенцира дека во Македонија доаѓа периодот во кој ќе завладее правдата.
– Правдата ќе почне да се чувствува во Република Македонија. Дел од овие реформски закони коишто допрва ќе стигаат во Собранието, се составен дел на Планот за раст на Европската комисија, којашто ја бара таа реформа од нас. Ќе имаме 12 закони само од овој правосуден сегмент коишто во 2026 година ќе стапат на сила. Имаме во завршна фаза комплетно нов Кривичен законик – рече Петрушевски.
Самите закони, додаде, се така направени да полека го чистат тој талог во обвинителството и во судството.
– Ќе доаѓаат вистински луѓе на позициите, луѓе коишто, пред сè, се компетентни и коишто можат да се носат со функциите во правосудниот систем. Ќе имаме добар период во 2026 за правдата во Република Македонија, тоа граѓаните го бараат. Полека ги реформираме и овие најзаостанати сегменти во нашето општество – рече пратеникот Петрушевски.
.

