
Во декември инфлацијата се зголеми во Германија и Франција
Инфлацијата на годишно ниво во декември во двете најголеми европски економии е зголемена во декември во однос на претходниот месец, според прелиминарните проценки, но тоа е во согласност со очекувањата на Европската централна банка.
Индексот на потрошувачките цени, како мерка за инфлацијата, скокна од 3,2 отсто во ноември на 3,7 отсто во декември, објави интернет порталот Trading Economics.
Нагорниот притисок врз цените доаѓа од годишното зголемување на цените на енергенсите за 4,1 отсто (наспроти -4,5 отсто во ноември). Ова е последица на пониската основа од декември минатата година, кога стапи на сила „декемвриската вонредна состојба“.
Како дел од оваа програма, федералната влада финансираше месечни намалувања на сметките за гас и греење за приватните домаќинства во декември 2022 година.
Од друга страна, инфлацијата на храната забави на 4,5 отсто (наспроти 5,5 отсто во ноември), а стапката на раст на цените на услугите се олади на 3,2 отсто (наспроти 3,4 отсто во ноември).
Базичната инфлација, без нестабилните ставки, како што се храната и енергијата, се намали на 3,5 отсто, што е најниско ниво од јули 2022 година.
На месечна основа, потрошувачките цени се зголемија за 0,1 отсто по падот од 0,4 отсто во ноември.
Во текот на целата 2023 година, просечната стапка на инфлација во Германија беше 5,9 отсто.
Во Франција, инфлацијата на годишна основа се зголеми на 3,7 отсто во декември од 3,5 отсто во ноември. Ова е малку под пазарните очекувања од 3,8 отсто, според прелиминарните проценки.
Овој пораст на инфлацијата во Франција главно се должи на повисоките цени на енергијата (5,6 отсто во однос на 3,1 отсто во ноември) и услугите (3,1 отсто наспроти 2,8 отсто).
