
Внимание ако чекате автобус: ЈСП најавува кратење на линиите поради мразот – возилата ќе одат само до каде што е безбедно
Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје попладнево испрати важно известување до граѓаните. Поради екстремно ниските температури и најавениот снег, можно е автобусите да не возат по вообичаените траси, туку линиите да бидат скратени.
Од претпријатието предупредуваат дека на одредени делници (особено во повисоките зони и периферијата) може да се појават отежнати услови за сообраќај, бидејќи средствата што се фрлаат против замрзнување имаат намален ефект при многу ниски минусни температури.
Доколку условите на патот станат ризични, автобусите нема да одат до крајните станици.
Од претпријатието потсетуваат дека јавниот превоз секако се одвива според редуцираниот делничен зимски возен ред, кој е на сила додека трае училишниот распуст.
Екипите на ЈСП и градските служби се на терен со механизација за да обезбедат проодност, но се апелира на трпение доколку дојде до прекини или доцнења.
