ВМРО-ДПМНЕ ВО БРВЕНИЦА ОСВОИ ЗА 600 ГЛАСОВИ ПОВЕЌЕ ОД ИЗБОРИТЕ ЛАНИ Поразот на СДСМ е уште поголем од претходното гласање
СДСМ сè повеќе тоне, резултатите од изборите во Брвеница ја демантираа радоста на СДСМ дека имаат помал пораз од последните локални избори минатата година, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Нивниот пораз е уште поголем од ланските избори. Тоа што јасно може да се види е дека СДСМ сега имаат 57 гласа помалку од гласовите на советничката листа лани, кога истиот кандидат им беше носител. Односно, истиот човек лани, како носител на листа за советници, освоил повеќе гласови отколку годинава како кандидат за градоначалник. За појасно да ѝ биде на јавноста, но и на СДСМ – лани освоија 763 гласа, додека вчера, за истиот кандидат гласале 706 граѓани“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата додава дека вчера освоила повеќе гласови од локалните избори во 2025 годиа.
„Кога веќе зборуваме со факти и бројки, вистината е следна. ВМРО-ДПМНЕ освои за скоро 600 повеќе од ланските избори. Имено, на листа за советници лани освоивме 2.371 глас, додека вчера за Стојанчо Радичевски гласале 2.943 граѓани“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ пак, вчера соопшти дека во споредба со изборите од 2025 година гласовите на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница се намалиле за 13% а гласовите на СДСМ се зголемиле за 46%.
„Односно од 3.388 гласа освоени за градоначалник во 2025 година сега кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски освил 2.944 гласа. Тоа е пад на поддршката за 13%. СДСМ во 2025 година освои 481 глас за кандидатот за градоначалник, а сега, 2026 година, кандидатот на СДСМ, Јовица Радески освои 706 гласа што е зголемување за 46%. Резултатите во Брвеница го потврдуваат трендот дека поддршката за ВМРО-ДПМНЕ се намалува, а довербата во СДСМ расте“, соопшти СДСМ.
.
Извор: plusinfo.mk