МВР МЕЃУ НАЈТРАНСПАРЕНТНИТЕ МИНИСТЕРСТВА Максимални оценки за интегритет и за ефикасност
Министерството за внатрешни работи (МВР) е второ меѓу министерствата според отвореноста, со исполнетост од 75,90 отсто од индикаторите во Индексот на отвореност 2026. Според соопштението на МВР, институцијата бележи подобрување во однос на претходното мерење, кога резултатот изнесувал 73,3 отсто.
Резултатите се дел од истражувањето на Фондацијата „Метаморфозис“, кое го оценува доброто владеење на извршната власт во Македонија и во регионот. Индексот за 2026 година се заснова на мерењето за 2025 година.
„Според објавените резултати, МВР има 75,90% исполнетост на индикаторите за отвореност, што претставува зголемување во однос на претходното мерење, кога резултатот изнесувал 73,3%“, се наведува во соопштението.
Особено високи оценки Министерството добило во категориите интегритет и ефикасност. Во двете области е регистрирана стопроцентна исполнетост на разгледуваните индикатори.
„100% исполнетост на индикаторите за интегритет – област што ги опфаќа механизмите за етичко однесување, спречување судир на интереси и институционална одговорност“, соопшти МВР.
Во категоријата ефикасност, максималниот резултат се однесува на четири разгледувани индикатори. Тие се поврзани со стратегиското планирање, известувањето и следењето на институционалното работење.
Во потесната категорија транспарентност, Министерството има исполнетост од 72,46 отсто од индикаторите.
„Дополнително, во областа на транспарентноста МВР има 72,46% исполнетост на индикаторите, што го вбројува меѓу министерствата со повисоки резултати во оваа категорија“, се наведува во соопштението.
Од МВР оценуваат дека резултатите претставуваат потврда за напорите за поголема институционална отвореност и отчетност. Министерството најавува продолжување на активностите за подобрување на достапноста на информациите и комуникацијата со граѓаните.
„Борбата против криминалот и корупцијата не подразбира само одлучно постапување на полицијата, туку и одговорно, чесно и транспарентно работење на самото Министерство“, порачуваат од МВР.
.
Извор: plusinfo.mk