
ВМРО-ДПМНЕ: РЕК Битола не произведува струја
Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ објави дека од синоќа надвор од мрежа се трите блокови по тешка хаварија во котелскиот дел на Блок 3 во РЕК Битола која се случила вечерта, а веќе подолг период по тешките хавари надвор од мрежа се Блок 1 и Блок 2.
„Во текот на ноќта испаднал БЛОК 3 по хаварија во котелскиот дел од електраната , кој подолго време бил експлоатиран со технички проблеми поради несоодветниот скап увозен јаглен. Дали повторно станува збор за огромна хаварија по која Блокот беше забетониран и надвор од мрежа повеќе месеци? Дали повторно ќе плаќаме милионски суми за санација на последиците се само дел од одговорите кои ги чекаме од менаџерскиот тим, кој вчера вечер се збавуваше во хотелот Молика пеејќи песни“,соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека 50 отсто од домашнотот производство на електрична енергија во земјава доаѓа од РЕК Битола и дека ќе мора да се изврши интервентен увоз на електрична енергија.
„Сериозноста на состојба е уште поголема ако знаеме дека надвор од функција се и другите производствени капацитети поради лошо ремонтирање и одржување, а хидро-потенцијалот речиси на минимум. Згора на сѐ, МЕПСО е под хакерски напад и не знаеме како ги управува постројките во електроенергетскиот систем. Раководствата на Електрани на Македонија,РЕК Битола и МЕПСО мора да понесат одговорност“ смета опозицијата.
