
Влатко Андоновски ќе си даде оставка, САД веќе планира нов селектор!
Според „90 минути“, македонскиот фудбалски стратег до крајот на неделата ќе ја соопшти одлуката за оставка, по слабиот настап на Американките на Светското првенство.
Тие беа бранителки на пехарот од последните две мундијалски изданија, па на овој Мундијал тргнаа по досега невиденото, трета титула едноподруго, меѓутоа остварија најслаб резултат досега, отпаѓајќи уште во осминафиналето, на пенали, од Шведска (5-4), откако по 120 минути немаше голови.
Наводно, американските фудбалски власти веќе контактирале со Луис Кортес, Шпанецот кој во моментов е селектор на Украина, а од 2019 до 2021 ја предводеше (женската екипа на) Барселона, со која ја освои и Лигата на шампионите, во 2021. УЕФА тогаш го прогласи за тренер на сезоната во женскиот фудбал.
Андоновски беше критикуван и во текот на Светското првенство, а по елиминацијата беше прашан за оставка, но тој одговори ставајќи ги фудбалерките во прв план.
„Мислам дека би било себично да зборувам за мене, за мојата иднина и што јас ќе правам, кога имаме 20-годишни фудбалерки кои минуваат низ тешки моменти. Сакам да сум тука за нив, јас ги закам нив сите. Тие се мои фудбалерки, мои пријатели, заедно поминавме четири години. Некои од нив првпат настапија за репрезентацијата со мене, го имаа првиот повик. Поминавме заедно време, добри моменти, тешки моменти…така што не сакам да ги гледам вака. Само на тоа мислам сега“, рече Андоновски.
Дојде на чело на репрезентацијата на САД во 2019 година, заменувајќи ја Џил Елис, која ги освои планетарните титули во 2015 и во 2019. Андоновски успеа да се закити со бронзениот медал на Олимписките игри во Токио.