
Владата не го доставила целосниот договор со „Бехтел и Енка“ до Антикорупциска
Владата до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) не го доставила целосниот договор со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д.
Од Владата во изјава за Телма ТВ потврдуваат дека до антикорупционерите е пратена скратена верзија без да се повикаат на законска одредба.
„По одобрување од владата како носител на Договорот за изградба на автопатот Коридор 8 и автопатот на Коридор 10Д истиот беше доставен до Државна комисија за спречување на корупција во форма во којашто беше одобрен за ограничена употреба од засегнати страни“, велат од Владата за Телма ТВ.
Договорот има над 400 страници, а како што објави телевизијата, биле доставени 119 страници.
Синоќа, претседателката на антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, во гостувањето на Сител ТВ кажа дека добиле нецелосна верзија на договорот односно дека недостасуваат прилози кон договорот.
