
Владата годинава со оглас за универзален снабдувач со помала профитна маржа за струјата
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека Владата годинава ќе огласи нов повик за универзален снабдувач за снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар, а на истиот ќе се бараат помали профитни маржи од компаниите кои ќе конкурираат.
Според Бектеши, ваквото барање ќе придонесе да се намали цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.
– Во текот на оваа година ќе се објави огласот за универзален снабдувач каде што очекуваме да се намали маржата за јавниот повик што дополнително позитивно би влијаело на конечната цена за електрична енергија, посебно кај регулираниот пазар, вклучувајќи ги и домаќинствата и тие микро и мали компании во нашата држава, согласно Законот за енергетика, рече Бектеши.
Министерот рече дека енергетската криза е стабилизирана и најави нов сет на мерки од Владата кон средината на јуни.

