
Владата го утврди текстот на Предлогот на закон за данок на солидарност
Владата на денешната седница го утврди текстот на Предлогот на закон за данок на солидарност, со кој дополнително ќе се оданочуваат компаниите кои оствариле екстра-профит за време на енергетската криза.
„Придонесот за солидарност, според посоченото од Министерството за финансии, треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека предметните компании, коишто оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар“, објавија од Владата.
Од таму додаваат дека веќе повеќе земји од светот воведоа или најавија дека ќе воведат т.н. данок на екстра профит (Хрватска, Бугарија, Грција, Унгарија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Германија).
„Воведувањето на овој данок има солидарна функција и ќе обезбеди финансиски средства што во целост ќе се користат за финансирање на Програма за мерки за справување со кризата“, дополнуваат од Владата.
Владата очекува со новиот закон за екстра добивка да наплати дополнителни 90 милиони евра за државната каса, а со оваа давачка ќе бидат опфатени околу 180 фирми кои годинава оствариле вкупен приход од над 10 милиони евра и чиј профит е поголем од 20 отсто во однос на четиригодишниот просек. Со овој закон ќе бидат опфатени практично компании од сите стопански сектори, а не само од одредени дејности, како што тоа е случајот во други земји кои имаат воведено слична мерка.
Овие компании наместо 10 отсто, ќе платат дополнителни 20, односно 30 проценти данок на добивка.