
Владата ќе именува повереници во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека Владата ќе именува повереници во општините каде што ќе се повтори изборниот циклус за локалните избори. Оваа одлука ќе следи откако Владата ќе добие официјално известување од Државната изборна комисија (ДИК).
Станува збор за општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше. Во овие четири општини не беше постигнат потребниот цензус за излезност во вториот круг од локалните избори.
Премиерот го појасни законскиот процес кој мора да се запази.
„Согласно законот, тоа ќе го направиме откако ќе добиеме известување од ДИК дека изборите се завршени и дека во тие четири општини се неуспешни. Потоа Владата ќе ги именува поверениците“, изјави Мицкоски.
Според Изборниот законик, ДИК има рок од 15 дена по завршувањето на изборите да ја извести Владата. Владата потоа има рок од 15 дена да именува повереник. Овој повереник ќе ги врши надлежностите на градоначалникот и ќе раководи со општината до распишувањето и одржувањето на нови избори.
