
Влада: Со голема тага известуваме за загубата на нашиот драг колега, Илија Жупаноски
Посветен пријател, колега, татко, сопруг, син, брат.
Илија Жупаноски во својот ангажман придонесе во демократизацијата на дигиталните комуникации на Владата на Северна Македонија.
Како дел од кабинетите на премиерот Заев, на премиерот Спасовски и на премиерот Ковачевски, Илија беше еден од основачите на концептот за дигитална отчетност и транспарентност кој придонесе македонската Влада од 2017 година да биде прва во регионот по проактивна транспарентност и отчетност.
Во својата кариера работеше против дезинформациите и против хибридните и сајбер напади врз демократиите.
Искрениот, топол и пријателски однос, грижата, трпението, професионалната посветеност, креативниот потенцијал со којшто се посветуваше Илија придонесоа зад себе да остави големи трајни дела. Како врвен професионалец, служеше и ќе служи како пример и инспирација за сите колеги.

