
Вкупно 20% од студентите сметаат дека има корупција на факултетите, покажа истражувањето на ИСИЕ
Вкупно 20% од студентите сметаат дека корупцијата е многу или екстремно многу распространета на факултетот на кој студираат, додека 24% од
анкетираните студенти сметаат дека корупцијата е умерено присутна на факултетот каде што студираат, покажуваат резултатите на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ кој спроведе истражување за перцепцијата на корупцијата меѓу студентите на јавните
универзитети во Македонија.
Од специфичните видови на несакано однесување на универзитетот, испитаниците сметаат дека најчесто е мамењето на испити од студентите
(21%). Условувањето на студентите да ја купат книгата на професорот како би го положиле испитот или би добиле подобри оцени (20%) е на второ место по зачестеност, додека на трето место е практиката студентите да им се плаќаат на други луѓе за пишување семинарски трудови и дисертации (12%).
Дури 9% од испитаниците се изјасниле дека од нив било побарано мито на професори. Пријавите за корупција се многу ретки – само 3% од
анкетираните студенти експлицитно кажале дека на некој начин реагирале на корупција.
Најголемиот дел од испитаниците наведоа дека или не знаат дали има канцеларија за пријавување на корупција (38%) или дека нема посебна
канцеларија за пријавување корупција (59%). Што се однесува до најсоодветните форми за пријавување на корупција, студентите преферираат
онлајн формулар за пријавување (42%). Во однос на причините зошто корупцијата не се пријавува, една третина од македонските испитаници ги
наведоа последиците за оној кој пријавува (33%).
Покрај во земјава, истражувањето беше спроведено и на јавните универзитети во Албанија и во Србија со користење на техника лице в лице во мај 2023 година, на примерок од 300 студенти.
Проектот „Универзитети без корупција во Албанија, Северна Македонија и Србија“ е поддржан со регионален грант на СМАРТ БАЛКАН – Граѓанско
општество за поврзан Западен Балкан, регионален проект имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (ЦПЦД), Центарот за
истражување и креирање политики (ЦРПМ) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ) и финансиски поддржан од норвешкото Министерство за
надворешни работи (НМФА).

