
„Визер“ најави пет нови линии од Скопје и Охрид, се враќа и летот до Будимпешта
Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ најави воведување на пет нови авиолинии од македонските аеродроми, со што значително ја проширува понудата на дестинации за македонските граѓани.
Според најавите, од март следната година од Меѓународниот аеродром Скопје ќе се лета до Наполи (Италија) и повторно ќе се воспостави популарната линија до Будимпешта (Унгарија). Истовремено, понудата од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ ќе биде збогатена со три нови дестинации: Катовице и Вроцлав во Полска, како и Милано во Италија.
Како поддршка на ова проширување, „Визер“ најави дека ќе додаде шести авион во својата база во Скопје, а целата флота ќе биде надградена со современи авиони од типот „Ербас“ до крајот на оваа година.
Од Владата ја поздравија одлуката, дополнувајќи дека покрај овие линии кои ќе стартуваат во 2026 година, понудата на летови се зголемува уште од оваа есен. Од ноември од Скопје ќе се лета до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн.
Официјалните лица очекуваат дека со воведувањето на новите летови дополнително ќе се развие туризмот и ќе се зголеми бројот на странски гости во земјава.
Овие најави доаѓаат во период на раст на авиосообраќајот во земјава. Во првата половина од 2025 година, преку скопскиот и охридскиот аеродром биле превезени вкупно 1,5 милион патници, што претставува зголемување од 5% на аеродромот во Скопје и значителен раст од 11% на аеродромот во Охрид во споредба со истиот период лани.
