
ВИДЕО Жителите на Сингелиќ се жалат на комшија: Нож, хемикалии и секојдневни закани
Жителите на скопската населба Сингелиќ алармираат за, како што велат, секојдневни проблеми со нивниот комшија Хасан Синани. Според нивните тврдења, случајот трае подолг временски период и иако повеќепати пријавиле во полиција, конкретно решение сè уште нема.
„Во дворот детето ми кажа: мамо, мамо, нож. Викнавме полиција…“ – изјави една од соседките за Порталикс, опишувајќи една од ситуациите што ја вознемирила целата улица.
Соседите тврдат дека Синани прскал со хемикалии по дрвјата. Од тоа, велат тие, дрвјата се сушат и паѓаат, а хемикалии биле фрлени и во близина на базен во кој се капеле деца.
„Имаме 6-7 пријави во полиција. Деталите ги чуваме на листи. Некои беа и посериозни – со фрлање нож. Полицијата само го зема ножот како доказ и ништо понатаму. Секое негово повикување на полицијата завршува така што тој станува посилен“, додава соседката.
Други жители од улицата сведочат дека добивале и директни закани со селење, со прекинување на водоснабдувањето, како и со разни провокации.
Според нив, ситуацијата веќе сериозно ја нарушува безбедноста и квалитетот на живеење во маалото. Од полицијата, засега, нема официјална информација околу пријавите и преземените мерки.
