
ВИДЕО Вевчани во знакот на маските, хуморот и сатирата
Вевчани е преполно со посетители на традиционалниот Вевчански карневал, а атмосферата е празнична и раздвижена уште од раните часови. Граѓани и гости од земјава и странство го очекуваат централното дефиле на Василичарите, кое треба да започне за околу еден час, најавено со звуците на зурлите и тапаните.
Маските од Горна и Долна Вевчани, подготвувани цела година, ќе продефилираат низ селото, а на плоштадот ќе го одиграат првото василичарско оро. Организаторите најавуваат уште една успешна карневалска година исполнета со забава, сатира и позитивна енергија.
Градоначалникот на Вевчани порача дека сè е подготвено за карневалот и изрази надеж дека и денес и утре посетеноста ќе биде на високо ниво, а новата година ќе започне со добро расположение и нова енергија.
Како и секоја година, карневалот е простор за слободно изразување – без ограничувања за бројот на учесници и темите на маските. Учесниците самостојно ја креираат идејата, пораката и формата на настапот, што го прави Вевчанскиот карневал единствен по својата автентичност.
Вевчанскиот карневал е препознатлив по спојот на паганските и христијанските традиции, каде преку хумор, сатира и креативност се коментираат актуелните општествени состојби. Екипата на Македонската телевизија ќе го следи централното дефиле и пораките на маските, кои ќе бидат пренесени во следните информативни изданија
