
ВИДЕО Се фалел со брзо возење, снимал и објавувал на Инстаграм – што открива профилот на Саитов?
Нови детали излегуваат на површина за Саит Саитов, тинејџерот кој во петокот со автомобил прегази и усмрти жена во скопската населба Капиштец, а потоа побегна од државата.
На социјалните мрежи се појавија видеоснимки кои докажуваат дека Саитов и претходно „дивеел“ по градските улици, снимајќи го своето опасно возење.
Снимките, кои датираат од пред речиси година и пол, го прикажуваат тогаш 17-годишниот Саитов како управува автомобил „Фолксваген Пасат“ со енормно голема брзина во населено место.
Иако во тоа време бил малолетник и без возачка дозвола, тој јавно ги споделувал овие моменти на социјалните мрежи, демонстрирајќи целосно непочитување на сообраќајните правила и безбедноста на граѓаните.
По трагичниот настан во петокот, во кој животот го загуби една жена, младиот возач наместо да помогне, веднаш ја напуштил земјата.
Исто така, го промени своето име на социјалните мрежи и ги избриша сите снимки од профилот на Инстаграм.
Истрагата веќе утврди дека неговото бегство било организирано и реализирано со помош на неговиот татко и неколкумина други помагачи, кои му овозможиле да ја премине границата и да им избега на органите на правдата.
Овој случај предизвика лавина реакции во јавноста, особено по појавувањето на старите видеа кои отвораат прашања за тоа дали институциите можеле да превенираат ваква трагедија доколку навремено реагирале на претходните јавни сообраќајни прекршоци на осомничениот.
