
ВИДЕО По грешка се потпишала за Гордана, а сакала за Стево
Вистинска гужва во подарчните единици на ДИК во текот на вчерашниот ден. Двете најголеми партии собираа потписи за своите кандидати па често можеше да се забележат нивните симпатизери заедно како ги даваат своите потписи, секој за својот кандидат, пишува Press24.mk
Во целата гужва една жена по грешка наместо на списокот на Пендаровски се потпишала кај Силјановска.
Рече дека не била информирана на кој список се потпишува. Вработените во подрачната единица во ДИК беа зачудени но и дозволија да го прецрта својот потпис на списокот кај Силјановска и да се потпише кај Пендаровски.
Согласно законот, секој може да се потпише за повеќе од една кандидатура.
Рокот за собирање на потписи за кандидат за Претседател истекува на 8 март на полноќ.
Рокот за собирање на потписи истекува во петок, но веќе е извесно дека на оистата за гласање ќе има седум од кандидатите за Претседател… Потребниот број на потписи го обезбедија и кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, па Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, кандидатот на движењето За наша Македонија – ЗНАМ, Максим Димитриевски, Стевчо Јакимовски од ГРОМ и кандидатката на Левица, Билјана Ванковска.
На листата има уште петмина кандидати за Претседател кои досега собрале помеѓу 100 и 1500 потписи.
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и на СДСМ Стево Пендаровски по вторпат ќе ги одмеруваат силите, откако и на претходните избори во 2019-та влегоа во вториот круг, од вкупно тројца кандидати.
Во 2014-та пак, довербата од граѓаните за петгодишен мандат ја бараа Стево Пендаровски и Ѓорѓе Иванов, кој однесе победа. Иванов успеа да освои поголем број на гласови и на изборите во 2009-та, кога негов опонент беше Љубомир Фрчковски.
На третите непосредни претседателски избори во 2004-та од четворица кандидати, најмногу гласови обезбеди Бранко Црвенковски.
Најблиску до моменталната состојба беа изборите во 1999-та кога во трката за претседател влегоа шестмина, а победи Борис Трајковски. На првите претседателски избори во 1994-та Киро Глигоров е избран уште во првиот круг, а негов против кандидат беше Љубиша Георгиевски.
На сите изборни циклуси сликата е слична. Власта и сега ќе води кампања со која се фали за сработеното, а опозицијата ќе ја базира кампањата на грешките на власта. Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека и покрај негативната кампања која е очекувана, претседателските избори ќе бидат тест за парламентарните во мај.
И во албанскиот политички блок, негативната кампања нема да изостане.
И во македонскиот и во албанскиот блок веќе потврдените претседателски кандидати не штедат на зборови за своите опоненти. Очекувањата се да бидат искористени сите средства за да се обезбеди глас повеќе.
