
ВИДЕО Македонец совлада патник што се заканувал со бомба на лет од Лондон до Глазгов
Скопјанецот Зоран Настески, кој живее и работи во Англија, храбро интервенирал за време на летот на авиокомпанијата „Изиџет“ од Лондон Лутон до Глазгов, совладувајќи патник што се заканувал дека има бомба и извикувал екстремистички пароли.
Инцидентот се случил десетина минути пред слетувањето, кога патникот со кафе и телефон во рацете почнал да вика: „Имам бомба“, „Алаху акбар“ и „Смрт за Америка, смрт за Трамп“. Настески веднаш реагирал – го соборил на под, му го зел телефонот и му ги држел рацете до крајот на летот. Подоцна му се придружил и друг патник, Англичанец, кој помогнал во контролата на осомничениот.
„Јасно ми беше дека лажно се заканува, но патниците, особено децата, беа исплашени. Сакав да ги заштитам. По слетувањето, полицијата го уапси“, изјави Настески во телефонски разговор за СДК.МК од Глазгов.
Видеото од херојската интервенција, снимено од патничка во авионот, се прошири на социјалните мрежи и беше објавено и од индискиот јутјуб канал НДТВ. Настески го сподели и на својот канал.
По десет години поминати во Велика Британија, Зоран планира да се пресели во Србија со својата партнерка, каде што ќе започне ново поглавје од животот. Настески по татко е Македонец, а по мајка Србин.
