
(ВИДЕО) МАДОНА ГИ ПОДДРЖА СРПСКИТЕ СТУДЕНТИ: Oва е еден од најголемите студентски протести од 1968 година
Светски познатата американска пејачка и актерка Мадона на својот Инстаграм профил сподели видео за студентските протести во Србија.
„Она што медиумите не ви го кажуваат е дека еден од најголемите студентски протести од 1968 година во моментов се одржува во Србија“, пишува Мадона.
Заедно со снимките од дрон пишува дека студентите ги затвориле скоро сите универзитети, а има и 24-часовни блокади.
„Луѓето на улиците во Србија бараат системски промени и „помалку“ корупција во владата. Професорите и наставниците им се придружија на студентите во нивните протести и владата им се заканува дека ќе останат без работа. Ова е сериозен проблем. Треба оваа ситуација да стане вирална и да ги поддржиме студентите и народот во Србија. Ние стоиме со Србија“, стои во објавата што ја сподели Мадона.
Студентските протести почнаа откако лани на 1 ноември во Нови Сад се урна натстрешница на Железничка станица и уби 14 луѓе. Потоа уште едно лице почина поради повредите, со што бројот на жртви се зголеми на 15. Меѓу загинатите беше и македонскиот научник Васко Саздовски, кој работел во Нови Сад и чекал воз за да си оди дома за викенд. Младите во Србија бараат одговорност за несреќата. Освен студентите, протестираа земјоделците, а ќе излезат и пензионерите. Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека и од надвор се мешаат со цел да има дестабилизација на земјата.
Хрватските студенти во повеќе градови вчера се собраа да дадат поддршка на српските колеги.