
ВИДЕО Ивановска: Ќе ја вратам моќта во рацете на граѓаните на Центар
Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, денеска официјално беше претставена како кандидат за градоначалник на Општина Центар од платформата „Независни заедно“ на претстојните локални избори. Нејзината кандидатура ја поддржуваат граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“.
Ивановска истакна дека во трката за градоначалничката позиција влегува со фокус на решенија, а не на обвинувања и навреди, бидејќи, како што нагласи, во нејзината работа секогаш приоритет имала грижата за граѓаните пред партиските интереси. „Се кандидирам за општината во која живеам, ги делам проблемите на моите сограѓани и го дишам истиот воздух, кој е загаден не само од ПМ честички, туку и од лоши политики и корупција. Моите вредности – правда, интегритет и одговорност – можат да се преточат во креативни политики за подобра и поздрава општина“, рече таа.
Нејзината програма се темели на три приоритети: одговорност, отчетност и транспарентност; инклузивност, односно вклучување на секој граѓанин; и заедништво и солидарност. Ивановска нагласи дека сака Општина Центар да биде во служба на граѓаните, а не на профитот, критикувајќи ја досегашната состојба како последица на корумпирани и профитерски политики.
„Не барам функција за моќ, туку моќта да им ја вратам на граѓаните. Мојата цел е достоинствен живот, а во тимот имаме професионалци способни да понудат одлични решенија“, изјави таа, додавајќи дека повеќе од една деценија е активна во граѓанскиот сектор.
За конкретни проекти не откри детали, но најави поставување нови, здрави основи во општината. Меѓу приоритетите ги наведе почитувањето на Генералниот урбанистички план, спречување незаконски детални урбанистички планови како оној кај „Холидеј ин“ и воведување на стандардот 3-33-300 – три дрвја од секој прозор, минимум 30 квадратни метри зеленило по жител и максимум 300 метри растојание до парк.
„Независни заедно“ порачаа дека остануваат отворени за соработка со сите независни групи кои сакаат да настапат на локалните избори, најавувајќи и кандидат за градоначалник на Град Скопје
