
(ВИДЕО) БИБЛИСКИ ПОПЛАВИ: Грците со хеликоптери ги спасуваат граѓаните
Поплави ги зафатија Грција, Бугарија, Турција, а Грците со хеликоптер ги спасуваат граѓаните. Најтешка е состојбата во Кардица и Трикала, но и во населбата Кастро во Лариса, каде што властите од изутрината работат на спасување на 25 луѓе.
Со хеликоптери „Супер пума“ и „Бел“, спасувачките тимови на армијата и противпожарната служба почнаа да ги спасуваат луѓето „заглавени“ во поплавите во централниот дел на Грција. Претходно, поради лошото време и молњите, не беше дозволена интервенција од воздух, јави дописничката на МИА од Атина.
Хеликоптерите слетуваат на стадионот во градот Кардица каде што се префрлаат спасените.
Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција до акредитираните новинари испрати видеа од спасувачките акции, кои ги објави МИА.
На едното видео е спасувањето на татко со мало дете кои беа извлечени од поплавена куќа, а на другото е извлекување на повозрасно лице.
Како што кажа министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција, Василис Кикиљас, во невремето исчезнати се шест лица. Засега има четири жртви.
Разведрување на времето ќе има дури во новата работна недела.
