
Велосипедист тешко повреден од паднат лим кај градилиштето „Беко“ во центарот на Скопје
Утрово околу 7:30 часот, на пешачката патека на улицата „Даме Груев“ во центарот на Скопје, лим од заштитната ограда на градилиштето спроти полициската станица „Беко“ се откорнал и паднал врз велосипедист кој во моментот минувал покрај местото.
Педесет и четиригодишниот С.П. се здобил со потешки повреди и веднаш бил пренесен со возило на Итната медицинска помош во Ургентниот центар за укажување лекарска нега, информираа од МВР.
Очевидци за настанот посочуваат дека парчиња лим и друг градежен материјал често летаат од оградата на градилиштето, што ја загрозува безбедноста на минувачите. Градилиштето на поранешното „Беко“ веќе подолг период се смета за небезбедно, но и покрај ветувањата од Општина Центар дека ќе му биде наложено на инвеститорот „БС Консалтинг“ да ја подобри заштитата, досега не се преземени конкретни мерки.
Од полицијата потврдуваат дека работат на целосно расчистување на случајот.