
„Веќе не можеме да дишеме хемикалии, имаме многу болни од рак“ – мирен протест пред депонијата Дрисла
Жителите од Батинци повторно денеска излегоа на мирен протест пред депонијата Дрисла во близина на Кисела Вода, за да го искажат незадоволството од како што велат тие несовременото работење на најголемата депонија во Македонија.
Граѓаните велат дека по 30 години време е да почнат да дишат чист воздух, а не хемикалии кои предизвикуваат рак.
„Веќе подолго време низ депонијата се расфрлаат делови на тела, ампутуирани раце, нозе. Јас ги видов сликите и тоа е страшно, постојано се случува. Денес дојдовме овде со помал протест, сакавме тотална блокада, но засега одиме само со мирен едночасовен протест- вели Сених Браховиќ од иницијативниот одбор во Батинци.
Податоците се аларманти, според нив има 24 починати и девет заболени од канцер на сто куќи.
„Се појавуваат болести, народот не може да чека, белодробните заболувања се многу проширени. Има одзив од власта и од некои невладини организации, но засега нема никакво конкретно решение. Бараме само од надлежните да може да дишиме нормално и чисто. Ова не е политички протест, повикан е само народот кој се труе. Народот ги плаќа вработените и надлежните- вели Мериќ.
Насобраните жители се согласија доколку не бидат преземени итни мерки, за десет дена Дрисла да ја блокираат за да не може повеќе да прима и гори отпад.
Организаторите на протестот неколку пати нагласија дека нивната активност не е поврзана со политиката и дека со партиите немаат ништо заедничко. Се работи за нашите деца и нашето здравје, рекоа тие.
