
Ван Дајк со гол во 118. минута му донесе трофеј на Ливерпул (ВИДЕО)
Во 2022 година „црвените“ беа подобри на пенали, а денеска триумфираа со 1-0 благодарение на голот на Виргил ван Дајк во 118. минута откако по основниот дел на мечот не се тресеа мрежите на двете екипи. Победата на Ливерпул добива на значење поради тоа што Јирген Клоп не можеше да смета на повеќе од половина играчи од стартната постава (вклучувајќи го и најдобриот стрелец Мохамед Салах), во првото полувреме се повреди и Гравенберх, а во финишот заиграа од резервниот тим.
Ако победеше Челси, херој ќе беше српскиот голман Петровиќ кој одбрани неколку стопроцентни шанси на противничките играчи. Една од нив и на две минути пред голот на Ван Дајк кога во два наврата спречи топката да влезе во мрежата. Свои шанси за гол имаше и Челси чии фудбалери упатија 19 шута кон противничкиот гол.
За Ливерпул ова е десетти трофеј во англискиот Лига куп и сега има два пехара повеќе од второпласираниот Манчестер Сити. Екипата останува во игра за дури четири титули оваа сезона бидејќи е лидер во Премиер лигата, еден од фаворитите во Лигата Европа и се уште во конкуренција за триумф во ФА Купот. Што се однесува до Челси, тимот за кого се потрошени над 700 милиони фунти последните две години се уште не може да дојде до пехар.