
Вагон со хинду верници падна во езерото: Најмалку 23 лица загинаа, меѓу кои и деца
Најмалку 23 лица, меѓу кои осум деца, загинаа во сообраќајна несреќа кога фармерски трактор кој влечеше вагон полн со хинду верници се преврте и падна во езеро во северна Индија, соопштија локалните власти.
Во моментот на несреќата во вагонот имало околу 40 аџии кои оделе на ритуално капење во реката Ганг, која им е света, кога возилото се излизгало од патот во областа Касгањ, во сојузната државата Утар Прадеш.
Официјални лица рекоа дека најмалку девет лица се задржани во болница, од кои некои се во тешка состојба.
Полицијата соопшти дека истрагата за причините за несреќата е во тек.
Властите забранија превоз на патници во вагони со трактор, но наредбата често се прекршува во руралните делови на Индија.
Индија е рангирана меѓу земјите со највисока стапка на смртност на патиштата во светот, со стотици илјади загинати и повредени секоја година. Повеќето несреќи се предизвикани од несовесно возење, лошо одржувани патишта и стари возила.

