
Вајц го повлече гласањето за нацрт извештајот за Македонија – потсети дека не е негова задача да го решава спорот со Бугарија
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, побара одложување на гласањето за извештајот за земјата, предвидено за 24 јуни. Одлуката доаѓа по силни критики од бугарските европратеници, кои го обвинија Вајц за тајни средби со македонски претставници. Тој возврати со повик тие да ги запишат своите средби со лобисти во официјалниот регистар, каде што досега се евидентирани само три.
Вајц нагласи дека цврсто стои зад содржината на извештајот, особено зад деловите кои се однесуваат на признавањето на македонскиот јазик и идентитет. Тој потсети дека неговата задача е да ги оцени состојбите во Македонија, а не да го решава билатералниот спор со Бугарија.
И покрај притисоците, Вајц доби силна поддршка од дел од европратениците, вклучувајќи ги Санчез Амор и Дан Барна, кои ја осудија кампањата против него. Сепак, бугарските претставници го поздравија одложувањето, нарекувајќи го „мудра и одговорна одлука“.