
В петок почнува собирање на потписите за кандидатите за претседател и за пратеници
Согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК) во петок (23 февруари) започнува рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници.
Истиот ќе трае до 8 март.
„Собирањето на потписи се одвива пред сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари, за тоа и кон ова појаснување ќе бидат објавени и адресите на подрачните одделенија на ДИК пред кој се собираат потписите. Постапката почнува на 23 и трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени. Наутро од 8 часот до навечер до 20 часот, додека последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот“, вели Борис Кондарко.
Според него, иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници се поведува со поднесување на известување и изјава на ДИК од страна на предложениот кандидат односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар.
