
Утврден текстот на Предлогот на закон за финансиска поддршка, се испраќа до Собранието со предлог да се усвои по скратена постапка и исплатата да почне од овој месец!
Владата на Република Северна Македонија го разгледа и утврди текстот на Предлогот на закон за финанска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани, за справување со енергетската и ценовната криза, предложен од Министерството за труд и социјална политика, а за што беше донесена владина одлука.
Овој важен Предлог на закон, којшто значи државна финансиска поддршка на повеќе ранливи категории на граѓани за справување со продолжените ефекти од енергетската и ценовната криза, Владата го испраќа до Собранието на Република Северна Македонија со предлог да биде разгледан и усвоен по скратена постапка.
Со законското решение што се предлага се уредуваат корисниците на финансиската поддршка и висината, начинот за обезбедување и исплатата на финансиската поддршка на социјално ранливите категории на граѓани.
Корисници на финансиската поддршка којашто се обезбедува согласно Предлогот на закон, се лица од социјално ранилива категорија на граѓани, односно:
– корисници на посебен додаток;
– корисници на правото на надоместок заради попреченост;
– самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош;
– корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари;
– ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари и
– студенти кои живеат надвор од местото на студирање.
Финансиската поддршка за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост и самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош – е предвидено да изнесува 2.000 денари месечно, за период од пет месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.
Финансиската поддршка за корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари, за период од пет месеци, е предвидено да започне исто така од месец декември 2023 година и да изнесува:
– 3.000 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина не поголема од 14.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка;
– 2.000 денари месечно корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 14.001 денари до 16.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка и
-1.500 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 16.001 денари до 19.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка.
